Министерот за надворешни работи Бујар Османи на средба со првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини, честитал за, како што соопштуваат од МНР, дебитанскиот напревар на репрезентацијата на Европското првенство, но и посочил за обврските околу употребата на новото уставно име на државата.
„Централна тема на средбата беа предизвиците со кои се соочува именувањето на националната фудбалска федерација како и фудбалската репрезентација на земјава. Османи посочи на законските обврски за примена на уставното име за организациите кои ја преставуваат земјата и кои било каков начин примаат дотации или друг вид финансирање од државата. Соговорниците се согласија дека на оваа тема ќе ѝ пристапат со добра волја и позитивен пристап, со цел да се надминат сите несогласувања и предизвици кои се појавуваат“,
соопштија од МНР.

Пред еден месец, министерот Османи кажа дека ФФМ нема потреба да го менува името, бидејќи е непрофитна организација која не прима пари од државата.
Тогаш Османи одговори на новинарско прашање во врска со жалбата која ја испрати Грција до УЕФА непосредно пред стартот на Европското првенство. Како што објави „Катимерини“, грчкиот министер за спорт, Лефтерис Авгенакис, во жалбата до првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин, реагираше за дресовите на нашите фудбалери на кои стои кратенката ФФМ.
По забелешките на Грција, премиерот Зоран Заев во писмена изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА и грчката државна телевизија кажа дека ова прашање е покренато и дека во наредниот период ќе се реши врз основа на Договорот од Преспа и правилата и традицијата на УЕФА. Дури и Федерацијата да не е јавен ентитет, националниот тим е, кажа Заев.