„Посветено работиме на дефинирање на идните активности кои произлегуваат од стратешкиот дијалог и имаат за цел зајакнување на реформските процеси и гарантирање на демократскиот напредок и просперитет на земјава. Благодарни сме за континуираната американска поддршка низ годините, со посебен акцент на нашиот евроинтегративен процес како особено значаен за целокупната регионална стабилност“, истакна шефот на дипломатијата на средбата со Габриел Ескобар
Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД веќе ги дава првичните резултати во форма на американски грантови наменети за зајакнување на владеењето на правото, културата и одбраната. Ова е заклучокот од средбата меѓу шефот на дипломатијата Бујар Османи и заменикот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
На средбата која се одржа на маргините на 77. Генерално Собрание на Обединетите нации, Османи и Ескобар истакнале оти ваквиот развој на соработката претставува уште една потврда за долгогодишното сојузништво и силно стратешко партнерство меѓу двете земји.
„Посветено работиме на дефинирање на идните активности кои произлегуваат од стратешкиот дијалог и имаат за цел зајакнување на рефомските процеси и гарантирање на демократскиот напредок и просперитет на земјава. Благодарни сме за континуираната американска поддршка низ годините, со посебен акцент на нашиот евроинтегративен процес како особено значаен за целокупната регионална стабилност“,
истакна Османи.
На средбата, како што посочи МНР, било поздравено и сојузништвото меѓу двете земји во рамки на НАТО, при што се истакнала поддршката за Украина и заедничките заложби за одбрана на современите демократски принципи и вредности, како и силна осуда за руската воена инвазија.
Северна Македонија е прва од земјите од Западен Балкан која отвора стратешки дијалог со САД, кој претставува надградба на стратешкото партнерство меѓу двете земји и отвора ново поглавје во билатералните односи, како и конкретно врамување и дефинирање на соработката во периодот што следи.