ОБСЕ, со сите свои предизвици со кои се соочува, сè уште претставува форум кој е вистински заинтересиран да види мир во овој клучен регион, посочил Османи на средбата со претседателот на Азербејџан
Статусот на дијалогот помеѓу Азербејџан и Ерменија било главна тема на денешната средба на претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев.
„Сметам дека ситуацијата овозможува конструктивно ангажирање низ различните меѓународни и билатерални платформи за да се дојде до мирно решение и да се постигне мировен договор кој ќе биде прифатлив за сите, а со тоа да биде и одржлив“,
истакнал Османи на средбата со Алиев.
Во соопштението од Министерството за надворешни работи се наведува дека Османи посочил оти ќе продолжи со ваков избалансиран пристап.
„ОБСЕ, со сите свои предизвици со кои се соочува, сè уште претставува форум кој е вистински заинтересиран да види мир во овој клучен регион“,
нагласил Османи.
Претседавачот Османи истакнал дека преку постоечки и идни активности ОБСЕ ќе поддржи решенија кои придонесуваат за стабилноста и безбедноста и кои ја подобруваат состојбата на населението погодено од конфликти.
„Посебно бев заинтересиран да слушнам за прашањето на интеграцијата на Ерменците во Азербејџан и како по долги години конфликти и тензии може повторно да се воспостави стабилност и доверба“,
рекол Османи.
Тој, информираат од МНР, побарал поддршка од Азербејџан, како долгогодишен партнер на ОБСЕ, за решавањето на најитните прашања на Организацијата и на тој начин подобро справување со безбедносните предизвици што го засегаат Јужен Кавказ, но и поширокиот ОБСЕ регион.
Како што информираат од МНР, Османи денеска ќе има средби и со министерот за надворешни работи, Џејхун Бајрамов и со претседателката на Националното Собрание на Азербејџан, Сахиба Гафарова.