„После случувањата на Косово на 24 септември мислам дека Србија треба да направи напори да докаже дека не се вмешани во тој настан бидејќи доколку има какво било државно вмешување навистина го прави невозможно нашето учество и на другите земји во регионот, бидејќи идејата за Отворен Балкан, пред се, беше помирување“, рече министерот за внатрешни работи во емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма
Шефот на дипломатијата Бујар Османи смета дека С Македонија треба да го преиспита учеството во иницијативата Отворен Балкан, ако се докаже дека Србија на било каков начин е вмешана во нападот на косовската полиција кај селото Бањска, на северот на Косово.

„После случувањата на Косово на 24 септември мислам дека Србија треба да направи напори да докаже дека не се вмешани во тој настан бидејќи доколку има какво било државно вмешување навистина го прави невозможно нашето учество и на другите земји во регионот, бидејќи идејата за Отворен Балкан, пред се, беше помирување. И ова што се случи во северно Косово се надевам дека ќе се докаже дека нема државно вклучување, но ако се докаже, навистина мислам дека треба да го преиспитаме нашето учество“,
рече Османи во емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма.
Во нападот на косовската полиција на 24 септември кај селото Бањска, на северот на Косово, загина полицискиот наредник Африм Буњаку, а неколку други беа повредени. Во престрелката меѓу полицијата и вооружената група загинаа тројца напаѓачи, а во околината на Бањска беше пронајден голем арсенал оружје.
Владата на Косово ја обвинува Србија за овој инцидент, додека официјален Белград негира каква било вмешаност.
Пет дена по инцидентот, односно на 29 септември, Милан Радоичиќ, бизнисмен и политичар од северот на Косово и поранешен потпретседател на Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, ја презеде целосната одговорност за организирање на нападот.
Тој вчера беше приведен и сослушан од надлежените власти во Белград, а денеска со одлука на Вишиот суд беше ослободен од притвор и му е изречена мерка забрана за напуштање на територијата на Србија.
Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, вчера на средба со новинарите во Приштина изјави дека прашањето за одговорноста за нападот на косовската полиција во Бањска не завршува со изјавата Радоичиќ дека тој го организирал нападот.
Ховениер посочи дека Вашингтон и партнерите ќе продолжат со настојувањата да разберат што навистина се случило и кој е одговорен за настаните во Бањска на 24 септември.
„Јас би рекол дека вистинската работа за нашите безбедносни служби и другите партнери е да продолжат да се обидуваат да разберат што се случило. Соединетите Држави беа јасни, одговорните за нападот мора да одговараат. Тоа останува нашата позиција. Ќе продолжиме да настојуваме да разбереме што се случи, кој е одговорен и зошто“,
рече амбасадорот.
