Од опозицискиот СДСМ обвинуваат дека по спасувањето на Груевски и имотот на ВМРО-ДПМНЕ, Обвинителството експресно го амнестирало Драган Павловиќ-Латас бидејќи диригира со провладините медиуми и фарми со тролови
По ослободителната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски и враќањето на криминалниот имот на ВМРО-ДПМНЕ, отфрлањето на обвинението против новинарот Драган Павловиќ-Латас е уште еден јасен доказ дека премиерот Христијан Мицкоски директно управува со Обвинителството и со правосудството, рече денеска портпаролката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Богданка Кузеска, на прес-конференција во партиското седиште.

Според неа, потегот на Обвинителството да се откаже од гонењето во предметот „Тотал“, откако судот побарал ново супервештачење кое го намалило износот на наводното даночно затајување, е целосно провиден и покажува дека судството е само алатка во рацете на власта. Дополнително, вели оти Драган Павловиќ-Латас е исклучителна важна фигура за премиерот и диригира со над 40 отсто од медиумите во сопственост на Виктор Орбан кои работат за ВМРО-ДПМНЕ во Македонија.
„Фарми на тролови, сестрински бот-платформи од СНС, оркестрирани кампањи на социјалните мрежи. Тој е нивниот медиумски шеф за напади врз СДСМ, врз неистомислениците, во одбрана на криминалната власт. Кога станува збор за луѓе блиски до ВМРО или до самиот Мицкоски, обвиненијата исчезнуваат, постапките се распаѓаат, а пресудите се претвораат во амнестии“,
рече Кузеска.
Таа рече и оти ваквите пресуди се токму тоа што го спречува европскиот пат на земјава, оти наместо независна институција која ја штити државата од криминал, има обвинителство кое работи по нарачка да го штити режимот и неговите луѓе.
„Ова не е правна држава, туку систем во кој Мицкоски одлучува кој е над законот“,
заклучуваат од СДСМ додавајќи дека државата не може да напредува додека премиерот одлучува кој ќе биде гонет, а кој заштитен.
