Во своето прво поголемо обраќање по изборниот пораз, поранешниот премиер ја обвини актуелната власт за обид да ја елиминира опозицијата, откако беа донесени закони кои го ограничуваат неговото враќање на власт
Поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан упати отворен повик до членството и симпатизерите на неговата партија „Фидес“ за, како што нагласи, отпор против самоволното владеење на неговиот наследник на премиерската функција, Петер Маѓар. Во своето прво поголемо јавно појавување по изборниот пораз во април, за време на говорот во романското бањско лекувалиште Баиле Тушнад, Орбан порача дека партијата сега мора да дејствува на сосема поинаков начин и целосно да му служи на националниот отпор.

Повикот на Орбан доаѓа откако во првите недели од мандатот, Маѓар и неговата партија „Почит и слобода“ (ТИСА) усвоија уставни амандмани и закони кои драстично ги намалуваат шансите на Орбан за враќање на власт бидејќи со новите правила се воведува ограничување според кое никој во иднина нема да може да ја извршува премиерската функција повеќе од два мандата, додека пратеничкиот мандат се ограничува на максимум три. Дополнителен удар за „Фидес“ е и неодамнешната акција на државното обвинителство, при што минатиот вторник беа запленети партиските сервери поради сомневања за незаконско финансирање на изборната кампања.
„Новата влада сака да ја елиминира целата опозиција“,
рече Орбан.
Според прогнозите на екс-премиерот, власта на Маѓар веќе оваа есен ќе се соочи со колапс поради неможноста да ја надмине претстојната криза која ќе биде предизвикана од недостигот и високите цени на енергенсите, а во насока на идното политичко дејствување, Орбан најави трансформација на улогата на „Фидес“.
„Фидес во моментов не функционира како партија, туку како сервисен центар, инкубатор, расадник, ако сакате“,
заклучи тој.
