Осум дена по првично поставените прашања и четири дена по објавувањето на сторијата „На хартија 2, а на терен 3-катна зграда се гради спроти Клинички, соседите ги тужат инвеститорите“, Општина Центар ни испрати одговори за овој случај.
Одговорот, односно „реакцијата“, за тоа како објект со катност од приземје, два ката и поткровје и висина од 10 метри и 20 сантиметри во Детален урбанистички план, на терен може легално да биде зграда со три ката, ви го пренесуваме во целост:
“Барањето за издавање на одобрение за градење за парцелата на која се однесува Вашата сторија е градба со намена А2-домување во станбени згради, а инвеститорот ДГТУ ‘Александар Инвест’, преку информацискиот систем е-одобрение, уредно поднел барање за издавање на одобрение за градба на 13.11.2017 година. Подоцна, откако се исполнети условите, издадено е одобрението за градење и по истекување на законски предвидениот рок истото станало правосилно, по што инвеститорот отпочнал со градежни активности.
За планираната градба издаден е извод од план број: 339/2017 од 12.4.2017, во кој, покрај графичкиот прилог, намената, билансните показатели за планираната градба, соопштени се стандардите и нормативите за планирање и проектирање, односно спроведување на планот преку задолжителните општи и посебни услови за градење на објектите во рамки на предвидените градежни парцели во ДУП-от Градска Четврт Ј 07, кои важат за целиот опфат на планот:
Став 4.1.8. од Општите услови за изградба, развој и користење на земјиштетот и градбите, важат за целата површина на планскиот опфат и служат за спроведување на Деталниот урбанистички план, односно изготвување на извод од урбанистички план, услови за изработка на архитектонско урбанистички проекти, Во точката 17 е содржано: во рамките на предвидената висина на приземјето дозволено е оформување на галериски мезанински простор со максимална вкупна површина од 60% во однос на дозволената површина за градба. Бруто развиената површина за градба е презентирана без површината од дозволениот галериски мезанински простор.
Процедурата во овој случај е испочитувана во целост, а дополнително, овластен градежен инспектор од Секторот за инспекциски работи на Општина Центар изврши инспекциски надзор со увид на лице место на предметната локација каде е констатирано дека инвеститорот гради согласно одобрената градежно техничка документација од секторот за урбанизам”,
велат од Општина Центар.
Првите соседи на новата трикатна зграда на „Владимир Назор“ за „360 степени“ изјавија дека повеќе пати реагирале до општинските служби и до Државниот градежен инспекторат, како и со барање за времен прекин на градба од Управниот суд, затоа што инвеститорот ги надминал дозволените параметри катност и висина, наведени во ДУП. Односно наместо приземје, 2 ката и поткровје, изградил плус уште еден кат, а според нивните мерења ја надминал и висината од 10 метри и 20 сантиметри до венец.
Инвеститорот „Александер инвестмент“ тврди дека не ја надминал максималната висина, како и дека во текот на градењето побарал одобрение за измени на градба и откако ги добил во 2019 година продолжил да ја гради зградата.