Од Општината соопштија дека средствата ќе бидат наменети за намалување на јавниот долг
Автомобилот, „ауди А6“, кој Општина Струга го купи за 67 000 евра, во времето кога градоначалник беше Рамиз Мерко крена дебата во јавноста дека е набавен во време кога општината била со блокирана сметка поради долгови, за што Владата, како и за други општини со идентичен проблем, префрлаше средства од централниот буџет за покривање на долговите
Службеното возило марка „ауди А6“ на поранешниот градоначалник на Општина Струга, Рамиз Мерко денеска е продадено на јавна аукција за 22 000 евра. Средствата ќе бидат наменети за намалување на јавниот долг, соопштија од општинската прес-служба.

„Озлогласеното службено возило, кое беше симбол на прекумерниот луксуз на поранешниот градоначалник на Општина Струга, денес беше продадено за 22 000 евра, со што се намалува јавниот долг на нашата општина“,
соопштија од општината на Фејсбук.
Оттаму соопштија дека возниот парк треба да располага со такви што се неопходни за ефикасно и нормално функционирање на општинската администрација, без непотребни трошоци.
Според општината, ваквиот пристап, насочен кон рационализација на расходите и намалување на јавниот долг, ќе придонесе за создавање услови за понатамошен развој на општината во наредниот период.
Од општината не соопштија дополнителни детали за купувачот на возилото, ниту за неговите претходни карактеристики и проценетата вредност.
Автомобилот, „ауди А6“, кој Општина Струга го купи за 67 000 евра, во времето кога градоначалник беше Рамиз Мерко крена дебата во јавноста дека е набавен во време кога општината била со блокирана сметка поради долгови, за што Владата, како и за други општини со идентичен проблем, префрлаше средства од централниот буџет за покривање на долговите.
Против Мерко за набавката на „аудито“ се водеше судски спор. Судот во Струга во јуни минатата година одлучи дека нема вина за набавката на луксузното возило. Судот утврди дека постапката за јавна набавка била спроведена без прекршување на законските процедури, а не постојат докази дека Мерко дејствувал со намера да добие лична или политичка корист.
