Од Општина Карпош нагласуваат дека стручните служби од општината го разгледувале предметот за легализација на спортските објекти на хотелот „Александар палас“ со внимание и оти тој бил решен согласно законските прописи.
По информацијата од МВР дека е поднесена кривична пријава против градоначалник и петмина вработени во една скопска општина поради злоупотреба на службената положба и овластување, со реакција се јавија од Општина Карпош од каде што ја отфрлаат пријавата оценувајќи ја како „тенденциозна, злонамерна и политички мотивирана“.
Како што објави МВР, градоначалникот и вработените му овозможиле на правно лице да легализира тениски игралишта, иако тие како привремени објекти не биле предмет на легализација, при што фирмата се стекнала со противправна имотна корист во износ од 147 341 700 денари.
Од Општина Карпош нагласуваат дека стручните служби од општината го разгледувале предметот за легализација на спортските објекти на хотелот „Александар палас“ со внимание и оти тој бил решен согласно законските прописи.
„Општина Карпош категорично тврди дека легализацијата е законита за овие спортски објекти затоа што за сè што се издава одобрение за градба се врши легализација, а за објектите правното лице ‘Александар палас’ има одобрение за градба од Министерството за транспорт и врски за кое не го спровеле во катастар. Дополнителен аргумент е фактот што за тениски терени изградени на територија на Општина Карпош во времето на Никола Груевски е издадено одобрение за градба“,
се наведува во реакцијата на Општина Карпош.
Оттаму се убедени дека кривичната пријава ќе биде отфрлена како недопустлива од причини што надлежните општински органи правилно ги утврдиле фактите и извршиле легализација согласно законските прописи што ги донела владата на Никола Груевски.