Утре во 10 часот ќе се одржи јавното отворање на понудите на фирмите кои се заинтересирани да ја урнат дивоградбата која никна пред ТЦ Мавровка во скопската Општина Чаир, откако општината отвори постапка за јавна набавка.
Од општината за „360 степени“ велат дека целата постапка до склучување договор со фирмата што би рушела, би можела да трае околу еден месец.
„На јавното отворање на понудите ќе се види колку економски оператори се имаат пријавено. Потоа тече постапката со евалуација на понуда. Доколку има повеќе од две понуди се оди на е-аукција. Потоа тече рокот за жалба по изборот и на крајот се склучува договор“,
изјави Куштрим Ала од секторот за односи со јавност на Општина Чаир.
„360 степени“ веќе објави дека истекоа сите законски рокови со кои од „мистериозниот“ инвеститор се бараше самиот да ја урне дивоградбата кај ТЦ „Мавровка“, во центарот на Скопје. Според решението на овлaстениот градежен инспекторат, сега надлежноста за отстранување на објектот кој покрива површина од 330 метри квадратни, е на Општина Чаир.
Поврзана вест: Непознатиот сопственик не ја отстрани, дивоградбата пред Мавровка ќе ја урива општина Чаир