Општина Аеродром ги демантира обвинувањата на СДСМ дека е донесен нов Детален урбанистички план каде е предвидена изградба на десетина висококатници во населбата Лисиче, во Аеродром. Реагираат дека станува збор за лажни вести и дезинформации.
„СДСМ најмалку што можат да зборуваат за бетонизација, дивоградби и криминал затоа што тоа е политичката партија која е позната по високите провизии, спорните договори во четири очи, незаконските надзори, багателната продажба на земјиште на брачни партнери, класифицирани и сомнителни милионски договори и уште низа криминални тендери и зделки. Во суштина зад лажните обинувања и наводната ‘бетонизации’ во Лисиче, се крие непотизмот и обидот за замајување на јавноста од продажбата на државно земјиште по нереално ниски цени, милионските суми испумпани од буџетот и тоа со бизнис партнери кои имаат сомнителна позадина“
пишува во демантот од Општина Аеродром.
Во демантот од општината предводена од градоначалникот Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ, се наведува дека за урбанистичкиот план за Лисиче во неколку наврати потенцирале дека станува збор за процес кој е почнат во 2019-та година, а кој решава сериозни урбанистички проблеми за граѓаните во овој дел од општината.
„Уште еднаш потенцираме дека вестите поврзани со изградба на згради во Лисиче, се целосно лага, невистина и дезинформација. Посочениот ДУП се уште е во фаза на анкета и финалната верзија ќе биде изработена по завршувањето на консултациите со јавноста. Општина Аеродром ги стави на увид на граѓаните и медиумите сите документи поврзани со овој ДУП и уште еднаш ги повикуваме граѓаните да дадат свое мислење и забелешка по истите. Општина Аеродром ги стави на увид на граѓаните и медиумите сите документи поврзани со овој ДУП и уште еднаш ги повикуваме граѓаните да дадат свое мислење и забелешка по истите“
велат од општината.
Претходно, СДСМ обвини дека се прави нова бетонизација на Лисиче, со впишување на пет катастарски парцели каде ќе се градат повеќе згради.