Кога ВМРО-ДПМНЕ ја има локалната власт, тоа значи игнорирање на потребите на граѓаните и уназадување на општините, бетонизација и сомнителни урбанистички планови, обвинуваат од СДСМ и додаваат дека со новиот Детален урбанистички план на Општина Аеродром ВМРО-ДПМНЕ и Тимчо Муцунски во Лисиче запишале пет катастарски парцели на кои дозволуваат да никнат десетина висококатници.
„Парцелите во Лисиче со површина од над 1 000 квадратни метри биле купени од инвеститори како ниви пред носењето на урбанистичкиот план. Сомневања за корупција отвораат прашањата како инвеститорите знаеле кои парцели ќе добијат маркици за згради високи и до 10 ката, како знаеле дека Општината ќе одобри градежен бум, на ниви, во дел каде што има куќи. Граѓаните се разочарани, реагираат поради носењето на планот речиси зад нивниот грб и бараат одговори зошто во Лисиче, каде што аерозагаденоста континуирано урива рекорди, ВМРО-ДПМНЕ дозволува да никне висок бетонски појас згради“
реагираат од СДСМ.
Од владејачкиот СДСМ обвинуваат и дека наместо поквалитетни услови за живот, зеленило и мегапаркови, граѓаните од ВМРО-ДПМНЕ добиваат бетонизација и загадување, а градоначалникот Муцунски и локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ ја изиграле довербата на граѓаните.