Врвот на најголемата опозициска партија СДСМ, денеска во своето седиште, се сретна со лидерите на партиите од нивната коалиција за да се разговара за актуелната политичка состојба, но и за потребата од нов меѓукоалициски договор и потпишување на нова платформа за соработка
Заклучокот од средбата на лидерите на опозициските партии обединети во коалицијата што ја предводи СДСМ е дека актуелната власт за само девет месеци ги разочарала граѓаните, го уништила животниот стандард и го запрела покачувањата на платите.
„Сите лидери посочија дека економската состојба драматично се влошува, а ВМРО-ДПМНЕ со лошите политики креира економска криза и инфлација која го јаде стандардот. Коалициските партнери заклучија дека има целосен застој и блокада во евроинтеграции на државата, а последните одлуки во меѓународната политика покажуваат скршнување од стратешкиот курс што може да биде закана по стабилноста на земјата“, пишува во соопштението на СДСМ.

Затоа е решено дека мора да се зацврстува единството, меѓупартиската соработка да се постави на повисоко ниво и да се покаже јасна подготвеност за идните политички предизвици како што се локалните избори.
Од СДСМ најавуваат дека договорот ќе биде потпишан наскоро и дека со него ќе се потврди дека коалицијата на опозициските партии останува стабилна.
„Еден од клучните сегменти на договорот е јакнењето на националните интереси, што подразбира градење национален консензус за стратешки прашања, интензивирање на меѓународната соработка и унапредување на добрососедските односи. Коалицијата е цврсто определена за евроинтеграциите и продолжување на реформите потребни за членство во Европската Унија“, велат социјалдемократите.
За подобро функционирање на коалицијата се предвидува формирање на совет кој ќе треба да донесе поефикасна координација и делување преку ефикасност, брзо донесување одлуки и силна политичка синергија. На денешниот состанок било потврдено дека борбата против корупцијата останува врвен приоритет.