Левица бара собраниската Комисија за деловнички прашања да му изрече суспензија на собранискиот претседател Талат Џафери, откако на социјалните мрежи се појави аудио снимка за која се тврди дека се слуша гласот на претседателот на Собранието како ги навредува вработените.
„Најмалку што очекуваме е дека, во најкраток временски рок, Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на Собранието ќе изрече јавна опомена и суспензија на пратеникот Талат Џафери, како и забрана да претседава со Собранието во траење од еден месец. Од приложената снимка, се гледа дека самиот Талат Џафери ја потврдува основаноста на настанатите тешки повреди од членот 14 на Кодексот, каде на вработените во Собранието им врши притисок за време на извршувањето на нивните работни задачи користејќи зборови и изрази со кои ги омаловажува и го навредува нивното достоинство“
велат од Левица.
Оставка од спикерот Џафери денеска повторно побара и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Единствен следен чекор во било кое демократско општество би било неотповиклива оставка на Џафери и повлекување од пратеничката функција од македонското Собрание! Се друго е ново тонење во катастрофа. ги повикуваме сите релевантни државни и невладини институции во делот на обезбедувањето и логистиката на Парламентот, како МВР, СОЗР, па и ЈО, Народниот правобранител, но и Хелсиншкиот комитет, синдикатите и другите невладини организации, да отворат случај во име на заштита на достоинството и кредибилитетот на функцијата претседател на Собранието и Собранието воопшто.“
изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.