Бројот на извод од лиценца што го користел опожарениот автобус е всушност од друго возило, со други регистарски таблички

Превозникот „Беса транс“ не го пријавил опожарениот автобус во електронскиот систем и со тоа немал извадено лиценца за него, туку користел лиценца издадена за друг автобус во сопственост на компанијата.
Со вакво објаснување излегуваат од Министерството за транспорт и врски наведувајќи дека фирмата вршела злоупотреби на лиценците.
„За да појасниме, бројот 007017 е број на лиценца на превозникот ‘Беса транс БТБ’ за вршење меѓународен превоз на патници. Бројот 22679, со кој шпекулираат одредени медиуми, а бил користен од опожарениот автобус при излез од земјата, е број на извод од лиценца на друго возило, со други регистарски таблички, исто така сопственост на превозникот ’Беса транс‘. Тоа подразбира дека превозникот вршел злоупотреба на извод од лиценца од друго возило и лиценца од фирмата и со тоа свесно ги прекршувал одредбите од Законот за превоз во патниот сообраќај“,
велат од Министерството за транспорт и врски и потсетуваат дека поради тоа ѝ е одземена лиценцата на оваа агенција.
Меѓутоа, нагласуваат оттаму, за тоа како превозникот вршел влез и излез од земјата, Министерството за транспорт и врски не е орган што има надлежност да контролира и овие прашања треба да ги расчистат меѓународните и домашните истражни органи.