Од МВР потврдуваат дека опожарениот „пасат“ со скопски регистарски таблички е во сопственост на лицето Ѓ. Р. Неофицијално, како што пренесуваат дел од медиумите, возилото е во сопственост на апелацискиот судија Ѓоко Ристов, кого Обвинителството го товари за прикривање имот и перење пари
Ноќеска, на околу три часа по полноќ, во скопски Карпош бил опожарен автомобил марка „пасат“ во сопственост на Ѓ. Р. информираат денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Неофицијално, како што пренесуваат дел од медиумите, возилото е во сопственост на апелацискиот судија Ѓоко Ристов, кого Обвинителството го товари за прикривање имот и перење пари откако во ѕид од кујната во семејниот дом на неговите родители беа пронајдени 350 000 евра завиткани во алуминиумски фолии.
Во официјалното соопштение на МВР за настанот се наведува:
„На 13.07.2026 околу 02:50 часот во СВР Скопје е пријавено дека во Скопје, на територија на Карпош, било опожарено патничко возило ‘пасат’ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Ѓ. Р. Од пожарот биле оштетени и патничко возило ‘фолксваген туран’, сопственост на Д. М., патничко возило ‘сангјонг’, сопственост на С. С. и деловен објект, сопственост на Г. Л. Огнот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје“.
Од Министерството за внатрешни работи додаваат дека во тек е увид на местото на настанот.
