Министерот за здравство вели дека цел на мерките е да се стимулира вакцинацијата, затоа што, како што забележа, градовите со поголем број вакцинирани не се толку загрозени од ширењето на вирусот, а како пример ги посочи Битола, Охрид, Штип…
Пациентите што прележале ковид-19 треба да се вакцинираат 30 дена подоцна. И за нив важи можноста за вакцинација, независно од тоа на кој начин биле лекувани, односно дали примиле крвна плазма, објасни денеска министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарски прашања во врска со новите и дополнителни мерки против ширење на ковид-19.
Тој рече дека главна цел на мерките е да се стимулира вакцинацијата, затоа што, како што забележа, градовите со поголем број вакцинирани не се толку загрозени од ширењето на вирусот, за што како пример ги посочи Битола, Охрид, Штип…
„Дeсетина проценти од сите што се дијагностицираат како ковид-позитивни се вакцинирани и десетина отсто од оние што се во болница се вакцинирани. Од вкупната бројка на вакцинирани во земјава, која вчера достигна 600 илјади, многу малку се хоспитализирани. Главниот проблем се тие што не се вакцинирани. Така е и во другите земји“,
рече Филипче.
Тој рече дека и денеска има околу 1 000 нови случаи на ковид-19 и дека е ставена во функција модуларната болница во рамки на Инфективната клиника, со дополнителен кадар од другите клиники. Во функција е ставен и ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“, а болницата во Козле е подготвена за прием на пациенти.
За контрола над спроведувањето на мерките, како што рече, ќе се грижат инспекторатите. Во однос на решенијата за изолација на болни и на нивни контакти, пак, нагласи дека сега пристапот е индивидуален, затоа што сега има различни категории граѓани во однос на ковид-19.