Снабдувањето со електрична енергија низ Газа е намалено на шест до осум часа на ден во просек. Тоа е проблем во обезбедувањето здравствена заштита и други основни потреби, вклучувајќи вода, храна и санитарни услови, соопшти вечерва портпаролот на Светската организација
Додека израелската армија продолжува со нападите врз терористички цели во Газа, Обединетите нации соопштија дека повеќе од 38 000 Палестинци се принудени да ги напуштат своите домови поради израелските воздушни напади, а повеќе од 2 500 останале без покрив над главата.
„Директивата е да се продолжи со напади врз терористички цели, израелските одбранбени сили добро се снаоѓаат“,
го цитира „Тајмс оф Израел“, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Тој уште додава дека акциите на израелската армија ќе продолжат „колку што е потребно“ до „враќање на мирот и безбедноста на сите жители на Израел“.
Вечерва портпаролот на ООН, Стефан Дијарик изјави дека 38 000 раселени Палестинци од Газа побарале заштита во 48 училишта управувани од агенцијата на ООН за палестински бегалци (УНВРА).
Тој изјави дека во Газа се оштетени 41 образовна институција.
„Снабдувањето со електрична енергија низ Газа е намалено на шест до осум часа на ден во просек. Тоа е проблем во обезбедувањето здравствена заштита и други основни потреби, вклучувајќи вода, храна и санитарни услови“,
рече тој.
Светската програма за храна започнала да обезбедува итна помош на повеќе од 51 000 жители на Газа.
Египет, кој исто така посредува за прекин на огнот, испрати камиони со хуманитарна помош и медицински материјали до појасот Газа.
Неименуван египетски официјален претставник изјави дека тројца ранети Палестинци се префрлени во болница на египетскиот Синајски полуостров денеска.
Тие биле пренесени преку граничниот премин Рафа во болницата во Ел Ариш.
Овие се првите ранети кои се префрлени на лекување во Египет од почетокот на конфликтот на 10 мај.