Во извештајот се обвинуваат израелските безбедносни сили за злоставување како стандардна оперативна процедура за казнување на Палестинците по нападите извршени од Хамас во јужен Израел во октомври 2023 година
Израел изврши „геноцидни постапки“ врз Палестинците за време на конфликтот во Газа, систематски уништувајќи ги здравствените установи за жените и користејќи сексуално насилство како воена стратегија, наведуваат експертите на Обединетите нации во новиот извештај.
Постојаната мисија на Израел при ОН во Женева ги оцени обвинувањата како неосновани, пристрасни и без кредибилитет.
„Израелските власти делумно го уништија репродуктивниот капацитет на палестинските жени во Газа како група, вклучително и со наметнување мерки наменети за спречување раѓања, што е една од категориите на геноцидни акти во Римскиот статут и Конвенцијата за геноцид“,
соопшти Независната меѓународна истражна комисија на ОН, осврнувајќи се на окупираната палестинска територија, вклучувајќи го источен Ерусалим, и Израел.
Според извештајот, оваа акција, заедно со зголемувањето на смртните случаи на бремени жени поради ограничениот пристап до медицински материјали, претставува злосторство против човештвото – истребување.
Во извештајот се обвинуваат израелските безбедносни сили за злоставување како стандардна оперативна процедура за казнување на Палестинците по нападите извршени од Хамас во јужен Израел во октомври 2023 година.
Израел ги отфрли обвинувањата.
„ИДФ (Израелските одбранбени сили) имаат конкретни насоки и политики кои недвосмислено забрануваат такво однесување“,
соопшти постојаната мисија на Израел во ОН, додавајќи дека нивните процеси за ревизија се во согласност со меѓународните стандарди.
Израел е потписник на Конвенцијата за геноцид и, според одлуката на Меѓународниот суд на правдата од јануари 2024 година, му беше наредено да преземе мерки за спречување геноцид за време на војната против Хамас, додека, од друга страна, Израел не е потписник на Римскиот статут, кој му дава јурисдикција на Меѓународниот кривичен суд да суди поединечни случаи на геноцид и злосторства.
Јужна Африка поднесе тужба против Израел за геноцид во Газа пред Меѓународниот суд на правдата.