Сè уште останува непознато дали моменталните вакцини штитат и од оваа варијанта на коронавирусот, а исто така засега не може да се каже и колку сериозна клиничка слика предизвикува омикрон
Омикрон варијантата на коронавирусот досега е регистрирана во 89 земји во светот и се шири бргу, дури и во регионите каде голем дел од населението е имунизирано, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).
Според анализите на СЗО, бројот на заразени со омикрон се дуплира на секои три дена во државата каде тој се шири локално, а не само од луѓето кои доаѓаат од странство.
СЗО предупредува и дека овој сој е позаразен од делта, како и дека се очекува во наредниот период да биде најдоминантна варијанта.
Сè уште останува непознато дали моменталните вакцини штитат и од оваа варијанта на коронавирусот, а исто така засега не може да се каже и колку сериозна клиничка слика предизвикува омикрон.
„Податоците за клиничката сериозност на омикрон се сè уште ограничени. Потребни се повеќе информации за да се разбере ова, вклучително и колку е сигурен постоечкиот имунитет“,
пишува во соопштението од СЗО.
СЗО предупреди и дека на некои места болниците би можеле да бидат преоптоварени со толку брзиот раст на случаите. Хоспитализациите во Обединетото Кралство и Јужна Африка продолжуваат да растат, а со оглед на брзиот раст на случаите, нагласуваат оттаму, можно е многу здравствени системи брзо да се преоптоварат.