Станува збор за предистражна постапка која речиси две години ја водеше Основото јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за доскорешниот министер за внатрешни работи. Основ за отворање на предметот беше анонимна пријава
За истиот случај, и тоа неколку месеци претходно, извести „360 степени“. Документите до кои дојдовме покажуваа дека во август 2021 година службите на МВР извршиле контрола во станицата за технички преглед „Виа комерц“ и препорачале нејзино затворање. Министерот Оливер Спасовски, сепак, речиси три месеци не го потпишувал таквото предлог-решение сè до моментот на несреќата со автобусот на „Беса транс“ во Бугарија, во која загинаа 45 лица. Автобусот поминал технички преглед токму во „Виа комерц“
Крајот на 2021 година го одбележа трагичен настан. На 23 ноември таа година, во 3 часот наутро, на автопатот „Струма“ во Бугарија, се случи сообраќајна несреќа на автобус на домашната компанија „Беса транс“. При судирот, автобусот се запалил и се забил во банкината на тој начин што ќе останат блокирани вратите за излез од возилото. Загинаа 45 лица, претежно граѓани на Северна Македонија.
Меѓу фактите кои беа обелоденети во јавноста, беа дека последниот технички преглед автобусот го минал во станицата „Виа комерц Џемаљ“ во скопско Глумово, на 5 октомври 2021 година. Само три дена по несреќата, на 26 ноември 2023 година, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ќе потпише решение за привремена забрана за работа на оваа станица за технички преглед, без да ја извести јавноста за тоа.
Решение во фиока
За да нема недоразбирања, до овој момент не е докажано дека несреќата на автобусот на „Беса транс“ има некаква врска со техничкиот преглед. Но, утврдено е дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го чувал предметот за затворање на „Виа комерц Џемаљ“ во фиока.
Во последните денови на таа 2021 година анонимен извор достави до „360 степени“ неколку документи кои беа доволни за да се состави низа на настани. Имено, на 12 август 2021 година, овластени лица од МВР направиле надзор над станицата за технички преглед „Виа комерц Џемаљ“ и констатирале серија неправилности. Врз основа на тој надзор, надлежните служби во Бирото за јавна безбедност на 25 август 2021 година носат предлог за забрана за работа, со рок од 30 дена во кој станицата треба да ги отстрани пропустите.
Но, за предлогот да стане правосилен, треба да се донесе решение кое го потпишува министерот за внатрешни работи, во тој момент Оливер Спасовски. Тој не го потпишува решението ниту во септември, ниту во октомври (кога на технички преглед поминува автобусот на „Беса транс“), туку на 26 ноември. Тоа е три дена откако во Бугарија загинаа 45 лица во автобусот на „Беса транс“.
Како куртули Спасовски
Министерот за внатрешни работи тогаш одлучи да се брани со молчење. На прашањата – зошто чекал три месеци наместо веднаш да го потпише решението со кое „Виа комерц“ требало да биде ставена во позиција – или да ги отстрани недостатоците или да им се одземе овластувањето, тој или не одговараше или велеше дека ќе одлучи обвинителството.
Токму денеска тоа и се случи. Новинарите беа повикани на брифинг со ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција по повод преселбата на институцијата во нови простории, нешто на што патем се чекаше цела деценија. Меѓу темите кои се отворија меѓу обвинителите и новинарите беше – до каде е случајот со „Виа комерц“. Надлежната обвинителка реферираше дека тој е затворен со резолуција уште пред неколку месеци. Потоа, образложуваше зошто.
Рече дека предметот е отворен врз основа на анонимна пријава и дека обвинителството продoлжило со прибирање на сите релеватни докази. Работата била во насока да се докаже штета од таквото постапување на министерот Спасовски. Имено, одредбите за злоупотреба на службена положба во членот 353, пред лани во септември да биде сменет Кривичниот законик, предвидуваа санкции ако службеното лице при вршење или неизвршување на својата службена должност, предизвика штета или прибави корист за себе или некој друг.
Од тоа што беше спомнато, јасно е дека фокусот бил да се докаже штета од непостапувањето на министерот. Дури биле побарани и докази и вештачења од Бугарија, од кои било утврдено дека причина за несреќата не е неисправност на автобусот, што би значело дека работењето на „Виа комерц“ не довело до штета во врска со конкретниот настан.
На прашањето на „360 степени“ – дали ова значи дека функционерите се слободни да ја злоупотребуваат службената положба сè додека тоа не предизвика некоја штета, одговорот беше дека тоа веќе не е можно. Причината, кажа надлежната обвинителка, се измените на Кривичниот законик од септември 2023 година.
Стар член 353 vs нов член 353
На брифингот беа присутни дваесетина новинари и десетина обвинители. Се разговараше за голем број предмети, па немаше време и простор во детали да се навлегува во секој случај поединечно.
Па, разликите во членот 353 можевме да ги воочиме дури по завршувањето на настанот.
Во стариот КЗ, во став 1 на членот 353 (Злоупотреба на службената положба) се вели дека:
„Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години“.
Доколку се прочита внимателно овој член, точно е дека законодавецот не предвидел дело ако нема штета. Но, предвидел дело и ако нема штета, а има корист, која во случајот веројатно, исто така, не е утврдена.
Во измените на КЗ од септември 2023 година, во изменетиот став 1 на членот 353, делото не е толку тврдо врзано со остварена корист или штета. Но, сепак, треба да се докаже барем намера.
„Службено лице кое ќе преземе службено дејствие со кое ќе ги пречекори границите на своите службени овластувања или нема да ја извршува својата службена должност со намера да прибави за себе или за друг некаква имотна корист или на друг да му нанесе штета, или потешко да ги повреди правата на друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години“,
член 353, став 1, од „новиот“ Кривичен законик.
Измени има и во членот 353-в, Несовесно работење во службата. Но, делата повторно се врзани за предизвикување штета, односно имотна корист.
Сумирано, обвинителството не нашло елементи за кривично дело. Не затоа што не е точно дека Оливер Спасовски го чувал и не го потпишувал решението за привремено затворање на „Виа комерц“, туку затоа што со таквата постапка обвинителството утврдило дека не предзвикал и штета.