Олимписките игри во Токио ќе се одложат поради состојбата во светот предизвикана од коронавирусот. Тие ќе се одржат следната година, најверојатно, на почетокот на летото.
„Да започнам со добрите вести. Сите ќе можеме да ги прославиме ‘Олимписките игри 2020’ во Токио, дури и ако се одржат во 2021 година. Во телефонски разговор со премиерот на Јапонија Шинѕо Абе се сложивме дека ситуацијата со коронавирусот е драматична. Последниве неколку дена бројот на заразени случаи се зголемува на секаде низ светот. Па, затоа одлучивме Олимписките игри да ги поместиме за 2021 година, односно да се одржат најдоцна до почетокот на летото во 2021 година“,
соопшти Томас Бах, претседател на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК).
Од стартот на модерните Олимписки игри во 1896 година ова е првпат да се одложат.
Според соопштението на Меѓународниот олимписки комитет, предлогот за одложување го дал премиерот на Јапонија, а тие без размислување го прифатиле.
Јапонија за организацијата инвестираше 12 милијарди долари и ќе се бара начин како најбезболно да се избегнат негативните финансиски ефекти.