Се очекува до средината на идната недела да се заврши со чистењето, а потоа да се почне со санација на изгорените делови од трговскиот центар
Во средата и денеска, од трговскиот центар „Глобал“ во Струмица се исфрлени околу 300 тони отпад, по пожарот кој го зафати трговскиот вечерта на 2 јануари.
Според информациите од јавното претпријатие „Комуналец“, најголемиот дел од отпадот е од делот на Градскиот пазар каде изгореа голем број тезги и продавници.
Според Бранко Ѓоргиев од „Комуналец“, околу 60 отсто од вкупниот отпад и опожарен материјал веќе е исчистен.
„Денеска почнавме со расчистување и на остатоците од пожарот од првиот кат, а претпладнето ги изнесовме остатоците од неопожарениот дел каде претежно имаше зеленчук и овошје, кои се неупотребливи. Работиме според планираната динамика и се надевам дека до средината на идната недела ќе завршиме со чистењето за да може да почне санирањето и изградба на деловите кои беа зафатени од пожарот“,
рече Ѓоргиев.
Расчистувањето започна во средата откако претходно обвинител од струмичкото Основно јавно обвинителство, инспектори од Дирекцијата за заштита и спасување, како и крим-техничари од МВР го завршија увидот на терен.
Во гасењето на големиот пожар во Струмица учествуваа 61 пожарникар со 18 возила. Опожарени беа една третина од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, дел од вториот, а урнат е и дел од покривот на трговскиот центар.