Властите во Тирол се обвинети дека многу доцна реагирале на првите знаци на инфекција, особено во Ишгл
Австрија се соочува со групна тужба од околу 2 500 туристи поради лош пристап за време на пандемија на коронавирусот во популарниот скијачки центар Ишгл во Тирол, пишува Си-ен-ен.
Скијачкиот центар е веќе под истрага од локалните власти во Инсбрук откако со него биле поврзани стотици случаи на заразени.
Властите во Тирол се обвинети дека многу доцна реагирале на првите знаци на инфекција, особено во Ишгл, што придонело вирусот да се рашири низ Европа, но и останатиот дел од светот.
Австриското здружение за заштита на потрошувачите изјави дека властите се одговорни за доцната реакција на почетокот на ширењето на пандемијата. Од Здружението исто така истакнаа дека, откако на нивната веб-страница упатиле повик за дејствување, се јавиле околу 2 500 луѓе, а 80 отсто од нив биле Германци. Од Си-ен-ен стапиле во контакт со Здружението, од каде што информирале дека поднеле барање до обвинителството во Инсбрук.
Портпаролот на обвинителот Хансјорг Мајер потврдил за Си-ен-ен дека добиле пријава и дека полицијата почнала со истрагата.
„Речиси сите се поврзани со Ишгл. Голем број од тие луѓе се во самоизолација“,
изјави портпаролот.
Здружението за заштита на потрошувачите пред сè поднело приговор за работата на градоначалникот на Тирол, Гунтер Платер, но и против компаниите што ја одржуваат жичницата до ски-центарот и некои други владини претставници.