Во Италија досега речиси 50 проценти од вработените во училиштата биле тестирани за вирусот ковид-19, што е околу 500 000 наставници и ненаставен училиштен персонал, а 2,6 проценти од тестираните, односно околу 13 000 лица се позитивни.
Ова се податоци објавени од канцеларијата на италијанскиот специјален комесар за вонредни ситуации Доменико Аркури.
Најголем број тестови се спроведени во Ломбардија, каде што биле тестирани 70 отсто од вработените, додека Сардинија е на последно место со 5 отсто. Извештајот не го опфаќа регионот на Лацио, кој го спроведе тестирањето независно, јави агенцијата Анса.
Се очекува на 24 септември процентот на тестирани работници во училиштата во Италија да се зголеми на 60 до 70 отсто.
Како што беше најавено, од 14 септември, кога ќе започне училишната настава во поголемиот дел од Италија, ќе се доставуваат по околу 11 милиони заштитни маски дневно, кои ќе им бидат неопходни на учениците за влез во училиштето.
Бројот на нови случаи на дневна основа во Италија продолжува да расте, а според последните податоци, регистрирани се 1 597 нови случаи на ковид-19.