За три осомничени лица во случајот, Обвинителството бара мерки на претпазливост, како што се одземање на пасошите и обврска повремено да се јавуваат во судот
Откако Финансиската полиција вчера поднесе кривична пријава, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова и уште три лица.
Покрај Димова, во случајот опфатени се и сопственикот на Друштвото за трговија и услуги „В.Е.З. трејд“, Зоран Златковски, надворешен соработник со иницијали А.Г. и А.П., како благајник во Националната агенција.
Тројца од лицата, наведува Обвинителството во соопштението, се осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело измама на штета на средствата на Европската заедница, а Димова дополнително е осомничена и за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Четвртото лице, пак, е осомничено за несовесно работење во службата.
Без конкретно да ги наведе лицата, од Обвинителството соопштија и дека за тројца се побарани мерки на претпазливост, меѓу кои и одземање на пасошите.
„Заради обезбедување присуство и за непречено водење на кривичната постапка, Обвинителството му предложи на судот на осомничените да им определи мерки на претпазливост и тоа обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган; привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело“,
соопштија од Обвинителството.
За одредување на мерките, треба да одлучи Основниот кривичен суд во Скопје.
Работата на Националната агенција и на Димова изминатиот период е во фокусот на јавноста откако се објавија новинарски написи за тоа на какви проекти се делеле пари, меѓу кои и за фирмата „В.Е.З. Трејд“.
Владата од Управниот одбор на агенцијата минатата недела побара разрешување на Димова, но поради прекршување на етичкиот кодекс.
- Заев бара политичка одговорност од Димова за случајот „фризерница“
- ВМРО-ДПМНЕ: Барањето оставка од Димова е театар, треба и кривична одговорност
Во меѓувреме, Европската комисија отвори истрага за случајот со наводна злоупотреба на ЕУ-фондовите.
Димова, пак, на прес-конференција ги отфрли сомнежите и обвинувањата и одби да поднесе оставка, истакнувајќи дека ќе остане во оваа агенција сè додека не открие што се случило со 2,2 милиони евра проневерени во времето на поранешното раководство.