Во предметот поврзан со работата на правниот субјект ‘Беса транс’ и постапувањето на другите надлежни органи, се постапува во рамките на предистражна постапка, во која се испитуваат сите околности. Интензивно се преземаат дејствија за утврдување на фактите, но со цел да не и се наштети на постапката, во оваа фаза не сме во можност да споделиме повеќе детали, велат од обвинителството
Зошто Спасовски ставил потпис на решението за забрана за работа на станицата за технички преглед на компанијата „Виа комерц Џемаљ“ веднаш по несреќата во Бугарија, а не во август кога таквиот предлог бил изготвен од овластените лица од БЈБ, од МВР се уште нема одговор
Два дена откако„360 степени“ објави дека за станицата за технички преглед на компанијата „ВИА Комерц Џемаљ“, во која поминал и автобусот на „Беса транс“ што изгоре во Бугарија, имало предлог за забрана за работа уште во август годинава, но министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, го потпишал три дена по несреќата, со став излезе и Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.
На нашето прашање – дали фактот што три месеци биле чувани во фиока неправилности откриени во станица за технички преглед, со што се доведува во прашање безбедноста во сообраќајот, е доволна причина да се отвори предмет, од ОЈО Скопје, без да навлегуваат во детали, велат дека се испитуваат сите околности поврзани со работата на „Беса транс“.
„Во предметот поврзан со работата на правниот субјект ‘Беса транс’ и постапувањето на другите надлежни органи, се постапува во рамките на предистражна постапка, во која се испитуваат сите околности. Интензивно се преземаат дејствија за утврдување на фактите. Но, со цел да не и се наштети на постапката, во оваа фаза не сме во можност да споделиме повеќе детали“,
велат од Основното јавно обвинителство во Скопје за „360 степени“.
Главната истрага за автобуската несреќа се води во Бугарија, а во македонското обвинителство се води предистражна постапка, чија цел се пропусти во работењето на „Беса транс“, но и кај други инволвирани приватни и државни субјекти.
Претходно денеска Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) го повикува јавното обвинителство да ја прошири предистрагата за случајот со „Беса транс“, по објавата на „360 степени“ за тајмингот и околностите во кои Спасовски ја потпишал забраната за работа на станицата за технички преглед.
„Со оглед дека во ОЈО Скопје веќе има предмет за случајот со ‘Беса транс’ и се вршат предистражни дејствија, сметаме дека најрационално е да се продлабочи предистрагата во овој правец“,
порача Ивановска.
За случајот денеска расправал колегиумот на ДКСК. Овој став, вели Ивановска, не значи дека Комисијата не би се вклучила во предметот ако има потреба за такво нешто.
„360 степени“ денеска го стави на увид на јавноста решението за забрана за работа потпишано од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на 26 ноември 2021 г. (три дена по несреќата на автобусот на „Беса транс“ во Бугарија).
Од документот може да се види дека при надзорот на работата на станицата што надлежни служби од МВР го извршиле на 12 август, било утврдено дека станицата не ги води потребните регистри на возила на кои им е извршен технички преглед, но и дека во контролата учествуваат нестручни лица, со што се овозможува во сообраќајот на патиштата да учествуваат технички неисправни возила, односно возила кои може да претставуваат опасност по безбедноста на сообраќајот на патиштата.
Но, од засега необјаснети причини, министерот Спасовски не потпишал решение за привремена забрана за работа – до отстранување на пропустите, иако таков предлог бил изготвен од стручните служби во Бирото за јавна безбедност на 25 август.
Во меѓувреме, станицата продолжила да работи, па на 5 октомври 2021 г., автобусот на „Беса транс“ што изгоре во Бугарија и со собе однесе 45 животи, поминал на технички преглед токму во оваа станица, во која биле детектирани серија пропусти во работењето.
Зошто Спасовски ставил потпис на решението за забрана за работа на станицата веднаш по несреќата, а не во август кога таквиот предлог бил издаден од овластените лица, од МВР се уште нема одговор.

This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.