Осомничени се две лица за кривичното дело грабнување, а нов притвор за нив се бара поради опасноста од бегство, криење на трагите, влијание врз сведоци
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје отвори истрага за случајот со киднапирањето на 26-годишниот Самоил Костадиновски, внук на политичарот и лидер на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.
Две лица се осомничени за кривичното дело грабнување и за нив ОЈО Скопје бара нов притвор.
Станува збор за лица на возраст од 25 и 30 години, кои претходно со решение на судот беа задржани во притвор – двапати од по 48 часа.
Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека извршиле дејствија на кривично дело – грабнување од член 141 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
„Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, особени околности кои го оправдуваат стравот дека осомничените ќе се обидат да ги скријат или уништат трагите на кривичното дело, ќе влијаат врз сведоците или ќе го повторат делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје сега достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени“,
велат од скопското обвинителство во објаснувањето зошто бараат нов притвор.
Киднапирањето за кое се пишуваше изминатите денови во медиумите, се случи на 3 март во скопската општина Кисела Вода, a информации за исчезнувањето на Костадиновски во медиумите се појавија на 6 март откако претходно на социјалните мрежи почнаа да кружат повици тој да биде пронајден бидејќи му се изгубила секаква трага.