Основното јавно обвинителство Скопје ја отфрли кривичната пријава од Јове Кекеновски против претседателот и членовите на Државната изборна комисија, која ја поднесе затоа што кандидатската листа за парламентарните избори на гласачките ливчиња била заведена под името на партијата Единствена Македонија, а не како Никогаш Северна – Само Македонија.
Кекеновски ја поднесе пријавата обвинувајќи ја ДИК за неколку кривични дела поврзани со изборите: повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, уништување изборен материјал и изборна измама. Меѓутоа, од ОЈО Скопје велат дека членовите на ДИК не го прекршиле законот бидејќи Единствена Македонија била единствената политичка партија во оваа коалиција и според закон називот на листата се означува според подносителот. ФРОДЕМ, Тврдокорни и Ветерани на ВМРО 1990, велат од Обвинителството, се граѓански здруженија, а не политички субјекти.
Бидејќи станува збор за граѓански здруженија, нагласуваат, Единствена Македонија се води како самостојно да учествувала на изборите, а не во коалиција која е дозволена да биде само помеѓу политички субјекти.
„Во одредбите на Изборниот закон стои дека подносител на листа на кандидати за пратеници се регистрираните политички партии самостојно или нивни коалиции регистрирани во Државната изборна комисија и група избирачи, при што коалиција е здружување врз основа на договор на две или повеќе регистрирани политички партии за заедничко настапување за време на одржување на изборите. Во член 60 став 6 од Изборниот закон изречно е пропишано дека називот на листата се означува според името на подносителот, а во точка 5 од глава 1 на Упатството за начинот и постапката за поднесување, прием и потврдување на кандидатските листи за предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, стои дека договор за коалицирање не може да склучат граѓански организации и фондации“,
објаснуваат од ОЈО Скопје.
Всушност, велат од Обвинителството, членовите на ДИК ќе го прекршиле законот и упатството ако овозможиле оваа политичка партија да учествува на изборите под друг назив.
„Дополнително, неоснован е наводот дека пријавените ги довеле во заблуда гласачите и дека ги оневозможиле гласачите да ги изберат кандидатите предложени од политичката партија Единствена Македонија, бидејќи уште пред одржувањето на изборите јавноста била запознаена со називите на сите подносители на листите и нивниот редослед на гласачкото ливче“,
додаваат од ОЈО Скопје.
Од обвинителството посочуваат дека Единствена Македонија за истото водела постапка и пред ДИК, а откако им била отфрлена жалбата поднела тужба и пред Управниот суд, кој исто така ја одбил.