Кочанското обвинителство бара замена на ефективниот со куќен притвор за двајца осомничени од Државниот пазарен инспекторат и лице од обезбедувањето на „Пулс“
Oсновното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани до Основниот суд Кочани достави предлог за продолжување на мерките ефективен и куќен притвор за сите осомничени во истрагата во врска со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“.

За тројца од осомничените Обвинителството предлага замена на мерката ефективен со куќен притвор согласно, како што наведуваат оттаму, фазата на обезбедување докази и исполнетоста на законските основи. Се работи за двајца осомничени од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и припадник на обезбедувањето на „Пулс“.
„Во исто време, продолжуваат истражните дејствија во повеќе правци и во неколку институции со цел испитување на евентуална одговорност, за што јавноста ќе биде известена веднаш по донесувањето на соодветна јавнообвинителска одлука“,
соопштија од ОЈО Кочани.
Кочанскиот суд на 22 март годинава им одреди 30-дневен притвор на 24 од вкупно 27 осомничени лица опфатени во истрагата за трагедијата во кочанското кабаре „Пулс“ во која животите ги загубија 61 лице.