Обвинител од Основното јавно обвинителство во Скопје од судијата за деца при скопскиот Основен кривичен суд побара притвор за 16-годишно, кое вчера прегази жена на улицата Пластичарска, а која починала на лице место.
„16-годишното момче автомобилот го управувало без да поседува важечка возачка дозвола, а брзината на движење на возилото не ја приспособил на условите кон својствата и состојбите на патот и кон густината на сообраќајот. Од тие причини, кога стигнал пред клучката Бит Пазар, не бил во можност навреме да го запре автомобилот и со предниот десен бочен дел од возилото удрил во телото на жена, која како пешак го поминувала коловозот надвор од обележан пешачки премин. Од ударот, оштетената се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место“,
се вели во соопштението на Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител, оценувајќи дека постои опасност детето во судир со законот да се даде во бегство, да ја попречува постапката со влијание врз сведоците или да го повтори делото, на судијата за деца му предложил да определи мерка притвор.