Советот на Општина Охрид одлучил дека нема ингеренции да расправа по ниту една од барањата од Здружението на угостители и туристички работници „Охридски Еснаф“, меѓу кои е и одложување на уривањето пред сезоната.
Како што јави дописникот на МИА од Охрид, тоа било одлучено по денешниот координативен состанок на градоначалникот Константин Георгиевски, со советничките групи. Тие донеле заклучок дека не постои правна и законска претпоставка за свикување и одржување итна седница врз основа на барањето, како и дека Советот не може да донесе одлука во врска со предложените точки.
Предлог-точките за кои угостителите бараа итна седница се однесуваат на: времено регулирање на односите на постојните вршители на дејност; преодно решение за усогласување на објектите, согласно препораките на УНЕСКО и постоечката регулатива; одлагање на уривањето пред сезоната; како и ажурирање на постапките по однос на јавното наддавање и издавање под закуп од 2018 година што не се формално завршени.
Двете советнички групи изразиле поддршка на градоначалникот Константин Георгиески и Општината да постапуваат во рамки на своите ингеренции во согласност со сите законски прописи почитувајќи го принципот на неселективност. Оценката на советниците, како што јавува МИА, е дека од исклучителна важност е Охридскиот регион да го задржи статусот на Светско природно и културно наследство на УНЕСКО и оттаму го повторуваат барањето надлежните институции да постапуваат во согласност со своите надлежности за исполнување на препораките на УНЕСКО.
Барањето за свикување итна седница следуваше откако механизација почна да се разместува во непосредна близина на угостителските објекти после мостот на Студенчишки канал, каде се наоѓаат неколку кафулиња на кои им се истечени договорите за стопанисување, како и концесиите на плажите.
Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески неодамна истакна дека се работи за случаи на узурпација на државно земјиште и стопанисување без дозвола.