Во текст за fakulteti.mk, претседателот на МАНУ, проф. д-р Љупчо Коцарев, обзнанува дека во изминатиот месец, заедно со м-р Петар Јовановски, изучувале модел преку кој ја добиле речиси истата слика со која сега се соочуваме во реалноста – бројката на заболени лица со коронавирус, бројот на смртни случаи и слично
Максималниот број на инфицирани од коронавирус во земјава се очекува да се случи во почеток на мај со околу 1 100 заразени. Ова е резултатот од примената на еден епидемиолошки модел од научниот тим во Академијата на науките и уметностите МАНУ во обид да помогнат во предвидувањето можни сценарија за текот на заразата во нашата земја.
Проекцијата е дел од текстот на проф. д-р Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, објавен од fakulteti.mk, и таа е пооптимистичка во споредба со предвидувањата на здравствените власти дека врвот на епидемијата ќе се случи кон крајот на април со околу 2 000 заразени.
„Сакам да подвлечам дека моделите, иако не се најточни, содржат претпоставки и апроксимации, и градат можни сценарија, сепак, се моќна алатка за разбирање на неизвесното и помагаат при донесување правилни одлуки“,
пишува Коцарев.
Претседателот на МАНУ појаснува дека во изминатиот месец, заедно со м-р Петар Јовановски, изучувале модел преку кој ја добиле речиси истата слика со која сега се соочуваме во реалноста. Бројката на заболени лица со коронавирус, бројот на смртни случаи и слично.
Моделите кои се користеле во МАНУ се предложени од Империјал колеџот во Лондон и Универзитетот „Оксфорд“.

„Во првата класа на модели, именувани како Bayesian хиерархиски модели, се користат методи од статистика и машинско учење, додека втората група на модели, познати под името обопштени SIR (Susceptible-Infected-Recovered) модели, се базираат на теоријата на динамички системи … Првичните резултати од SIR моделот се покажани на слика 1. Во моделот се внесени податоци до 8 април 2020 година и за 9 април моделот предвидува вкупно 669 заразени, додека според реалните податоци тој број изнесува 663“,
пишува претседателот на МАНУ.
Притоа, тој наведува дека, според моделот, максималниот број на инфицирани се очекува да се случи во почеток на мај со околу 1 100 зразени.

„Уште еднаш би сакал да потенцирам дека ова се прелиминарни резултати и се однесуваат само на еден модел. Прелиминарните резултати на овој и другите модели, несомнено, укажуваат дека сме на добар пат во сузбивањето и намалувањето на епидемијата во нашата држава“,
додава Коцарев.
Целиот текст на проф. д-р Љупчо Коцарев можете да го прочитате тука.