Покрај вметнување на Бугарите, уставните измени според „огнените“ треба да опфатат и отстранување на формулацијата „20 отсто“ и вметнување на „албанскиот јазик“
Фракцијата на ДУИ, т.н. „огнена група“, вели дека е подготвена и таа посебно да номинира свој претставник во работната група за уставните измени со кои Бугарите треба да се вметнат како една од заедниците во Преамбулата.
Од оваа група велат дека целосно ги поддржуваат измените, но покрај за Бугарите, бараат и замена на формулацијата „20 отсто“ со „албански јазик“.
„Имајќи предвид дека евроатлантските интеграции за нас претставуваат приоритет над приоритетите, сакаме да истакнеме дека цврсто ги поддржуваме уставните измени. Следствено, сакајќи во овој процес да имаме активна, а не само набљудувачка улога, иако официјално не сме поканети, ја изразуваме нашата целосна подготвеност како фракција во рамките на ДУИ да учествуваме во работната група за уставни измени и да ги ставиме на располагање на државата сите наши професионални капацитети“,
велат од фракцијата на ДУИ.
Во однос на отстранување на формулацијата „20 отсто“ и вметнување на албанскиот јазик, тие го повикуваат целиот албански политички блок да се произнесе за темата и да ја поддржи иницијативата бидејќи покрај новото поглавје на патот кон ЕУ, според нив, ќе се исправи и децениска неправда кон албанскиот народ.
Додека „огнените“ иако непоканети, бараат столче во работната група, дел од партиите веќе ги соопштија своите претставници. Нивната партија ДУИ го номинира Арбер Адеми, пратеник и координатор на пратеничката група.
СДСМ ја предложи генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, а Алијанса за Албанците го номинира пратеникот Ремзи Мехмеди.
ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Левица, СПМ и Демократскиот сојуз, пак, соопштија дека нема да номинираат свои претставници.
Од останатите институции, досега официјално е познато дека како претставник на кабинетот на претседателот на државата е правниот советник и универзитетски професор Александар Спасов.
Свои претставници ќе имаат и Министерството за надворешни работи и Секретаријатот за европски прашања, а на маса ќе бидат и неколку експерти.
Во јавноста веќе излегоа дел од имињата на експертите по уставно право, но од Министерството за правда денеска најавија дека утре ќе го соопштат составот на работната група со оглед дека вечерва на полноќ истекува рокот за номинирање.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
ДУИ го предложи пратеникот Арбер Адеми за член на работната група за уставните измени
Министерството за правда утре ќе го соопшти составот на работната група за уставни измени