Заменик-министерот за одбрана Башким Хасани не се повлекува сам, туку за него премиерот Димитар Ковачевски доставил предлог за разрешување до Собранието. Тој за „360 степени“ изјави дека никој не го информирал дека ќе биде предложено негово разрешување ниту, пак, било побарано од него да поднесе оставка. Сепак, вели тој, нема да бара образложение за ваквиот потег
Членови на „огнената група“ на ДУИ ги повикуваат пратениците од нивната партија да не го поддржат предлогот за разрешување на заменик-министерот за одбрана Башким Хасани.
Саранда Имери, секретарка за родова еднаквост, ги повика пратениците на ДУИ од Гостивар да размислат пред да гласаат за разрешување на кадри од нивниот град кои, како што вели таа, и онака се малку застапени во власта на централно ниво.
„За пратениците на ДУИ од огранокот Гостивар! Дали огранокот на ДУИ од Гостивар беше избран за да гласа во Собранието за разрешување на кадри од Гостивар, кои и така малку се застапени на централно ниво? Дали сте размислиле на колку активисти на ДУИ од гостиварскиот огранок утре ќе им биде одбиено вработување или ќе бидат отпуштени од кадрите на АА (Алијанса за Албанците) за кои ќе гласате во понеделник во Собранието на РСМ! Земете и слушнете ги вашите ветувања во изборната кампања 2020 година, можеби сте ги заборавиле и не се сеќавате на нив! Активистот никогаш нема да ви заборави за лебот што ќе му го земете утре со ова ваше дејствување среде економска криза“,
напиша Имери на Фејсбук.
Заменик-министерот за одбрана Башким Хасани не се повлекува сам, туку за него премиерот Димитар Ковачевски доставил предлог за разрешување до Собранието.
Ова не е случај, на пример, со министерот за животна средина Насер Нуредини кој поднесе оставка од функцијата откако е договорено овој ресор да му припадне на СДСМ и со него да раководи Каја Шукова.
Хасани во изјава за „360 степени“ вчера кажа дека никој не го информирал дека ќе биде предложено негово разрешување ниту, пак, било побарано од него да поднесе оставка. Сепак, вели тој, нема да бара образложение за ваквиот потег.
„Не сум информиран, ниту е побарано да дадам оставка ниту некој ме прашал за ваквата состојба. Најверојатно, причината за моето разрешување е јасно искажаното незадоволство од првиот вицепремиер Артан Груби. Но, нема да побарам образложение од Ахмети“,
рече тој.
Хасани е дел од т.н. „огнена група“ во ДУИ и неговиот потпис стои на списокот на партиски членови кои застанаа зад петицијата против Артан Груби и сè уште активно работат на терен, со цел да го принудат Али Ахмети, како што велат, на внатрепартиски реформи.
Не неговото место во Одбрана е предложен Тирон Јајага од Алијанса за Албанците.
Од друга страна, потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, во изјава за телевизија Алсат-М рече дека нема да гласа за новото парламентарно мнозинство. Според него, Алијансата за Албанците влегува во Владата не за некаков европски сојуз за Македонија, туку за да го спаси Артан Груби.
„Нема да гласам за ова мнозинство, ќе бидам против. Ќе чекам да ги видам програмата и кандидатите за министри. Ако испадне како што слушам некои предлози од Алијанса, особено во сферата на правдата, каде што меѓународниот фактор има вложено најмногу и е најчувствителен, имавме силна реакција за време на изборот на обвинител за организиран криминал, ќе си го одржам зборот и ќе го кажам во Собрание“,
изјави Меџити во емисијата „Патот кон“ на Алсат.