Осум од повредените се задржани на лекување на Одделот за хирургија на Клиничката болница во Штип, а две лица се пренесени на Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје

Десет лица се повредени во тешка сообраќајна несреќа што синоќа околу 21 часот се случила на регионалниот пат Куманово – Свети Николе, во која учествувале комбе и камион.
На терен интервенирала и Противпожарната бригада од Свети Николе. Пожарникарите извлекувале повредени патници од возилата, по што тие веднаш биле преземени од екипите на Итната медицинска помош.
Од Клиничката болница во Штип за новинската агенција МИА потврдија дека кај нив се примени дел од настраданите.
Осум од повредените се задржани на лекување на Одделот за хирургија, а две лица се пренесени на Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Според првичните информации, дел од повредените се со полесни, а дел се соочуваат со потешки телесни повреди.
Полициски екипи извршиле увид на местото на настанот, а во текот на денот се очекуваат и информации од Министерството за внатрешни работи (МВР).
