Македонските здравствени власти потврдија дека наодот на италијанскиот државјанин кој сношти се посомневал дека има симптоми на коронавирус е негативен.
Во официјалното соопштение од министерството се вели дека тестирањето на Инфективната клиника во Скопје, каде лицето беше примено, покажало дека тоа не е заболено од коронавирус.
„Информираме дека се негативни резултатите за коронавирус на пациентот кој ноќта беше тестиран на Инфективната клиника во Скопје. Будно ја следиме состојбата и во континуитет постапуваме по препораките на Светската здравствена организација, а од денеска Министерството за здравство го подигна степенот на подготвеност на највисоко ниво. Се формира Кризен штаб во рамките на Министерството, а на сила стапија и нови зајакнати мерки за превенција од и справување со евентуални заболени од корона вирус“,
соопштија од министерството за здравство..
Италијанскиот државјанин вчера попладне пристигнал во Скопје со лет од Милано. Тој поминал низ термалната камера на скопскиот аеродром, но кај него не била дијагностицирана симптоматологија на болест. Првите симптоми ги почувствувал по доаѓањето дома, по што се јавил на Инфективната клиника во Скопје и бил примен во 22:00 часот.
*ПОВРЗАНА ВЕСТ: Кризен штаб и засилени гранични контроли за превенција од коронавирусот