Од бугарското МНР велат дека очекуваат неуспехот на антибугарската кампања да биде поттик за политичарите во иднина да не ја користат „бугарската карта“ за политичките спротивставувања во земјава
Бугарската страна се воздржа од итна реакција бидејќи не сакаше да се вклучи во предизборната полемика во Република Северна Македонија. Оваа конзистентна позиција на немешање во политичките процеси во нашата соседна земја не значи дека ја прифаќаме континуираната дискриминација и говорот на омраза кон граѓаните на Република Северна Македонија, кои на некој начин се поврзани со Република Бугарија и бугарскиот народ, пишува во соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи (МНР) објавено еден ден по локалните избори во Македонија.
„Настаните од изминатата недела и агресивната реторика во изборната кампања за градоначалник на Скопје се уште еден илустративен пример за наметнатата атмосфера на нетрпеливост и непријателство кон граѓаните со бугарски идентитет и кон Република Бугарија“,
велат од бугарското МНР.
Оттаму посочуваат дека е неприфатливо да се користи говор на омраза како инструмент на политичките противници и додаваат дека ваквото однесување и методи стимулираат дискриминација и нетолеранција.
„Тоа е директно негирање на темелните европски вредности и спротивно на сите демократски норми. Тоа придонесува за создавање неповолна средина за граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест и за секој што сака да развие пријателски односи со Република Бугарија“,
нагласуваат од бугарското МНР.
Според официјална Софија, антибугарската кампања на последните избори, како што велат, покажала дека таа не наидува на поддршка од граѓаните на Република Северна Македонија.
„Очекуваме ова да биде дополнителен поттик за претставниците на сите политички партии во иднина да се воздржат од користење на т.н. ‘бугарска карта’ во контекст на политичко и социјално противење“,
се наведува во соопштението.
Нагласуваат дека според чл. 11, ст. 6 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, двете страни треба да преземат „ефективни мерки за спречување на ненамерна пропаганда од институции и агенции и ќе ги обесхрабрат активностите на приватните субјекти насочени кон поттикнување насилство, омраза или други слични дејствија кои би им наштетиле на нивната врска“.
Во реакцијата се порачува дека строго, совесно и целосно спроведување на меѓународно обврзувачките правни обврски е од клучно значење и останува предуслов за напредок во пристапувањето во ЕУ.
На крајот од Министерството велат дека Република Бугарија ќе посвети посебно внимание на сите процеси поврзани со создавањето на неопходни услови за слободна самоидентификација и почитување на правата на граѓаните со бугарски идентитет во Република Северна Македонија и ќе продолжи да ги прави сите потребни напори за заштита нив во согласност со меѓународното право.