Во рамки на истрагата за трагедијата во дискотеката „Пулс“ која ја предводи ОЈО Кочани, осомничени се 27 физички и три правни лица. Тројца од осомничените се во болница, а на сите останати, вкупно 24 лица, им е одреден 30-дневен притвор. Во одделна постапка во врска со трагедијата, ОЈО ГОКК отвори истрага против седум високи полициски службеници од Штип и Кочани, на кои веќе им одреден 30-дневен притвор
Основниот суд Кочани им одреди 30-дневен притвор на 24 од вкупно 27 осомничени лица опфатени во истрагата за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ во која животите ги загубија 59 лица, а речиси 200 се повредени.

Меѓу лицата за кои е одреден притвор во времетраење од 30 дена се и тројцата градоначалници на Кочани опфатени во постапката, потврдија за „360 степени“ од Основниот суд Кочани. Станува збор за градоначалникот на Кочани во заминување Љупчо Папазов и неговите претходници Ратко Димитровски и Николчо Илијев.
„Определен е 30-дневен притвор за 24 лица, меѓу кои и за тројца претходни градоначалници“,
велат од Основниот суд Кочани за „360 степени“.
Кочанскиот градоначалник во заминување Љупчо Папазов и двајцата претходни градоначалници на Кочани, Ратко Димитровски и Николчо Илијев беа приведени во четвртокот вечерта.
Димитровски е поранешен градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а Илијев од СДСМ. Инаку, Папазов, исто така кадар на ВМРО-ДПМНЕ, дента по трагедијата во Кочани (16 март) беше повикан на информативен разговор, кој заврши следниот ден, по што тој беше пуштен без никакви дополнителни мерки.
Во меѓувреме, тој поднесе неотповиклива оставка од функцијата.
Инаку, 30-дневен притвор му е одреден и на ексминистерот за економија Крешник Бектеши, поранешната државна секретарка во ова Министерство, Размена Чекиќ-Дуровиќ, како и раководител во Министерството, Беким Хаџиу.
Во рамки на истрагата за трагедијата во дискотеката „Пулс“ која ја предводи Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани, осомничени се 27 физички и три правни лица. Тројца од осомничените се во болница, а на сите останати, вкупно 24, им е одреден 30-дневен притвор.
Во одделна постапка во врска со трагедијата, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага против седум високи полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Штип и Полициската станица од општа надлежност Кочани, на кои веќе им одреден 30-дневен притвор.