Владина делегација,претставници на граѓански организации и политички партии и семејствата на загинатите денеска одададоа почит пред споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963-та година.

На одбележувањето на 57-годишнината од фаталниот земјотрес, владината делегација ја предводеа вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу и министерката задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска.

„Главниот град на државата по земјотресот, стана симбол на солидарноста во светот. Во процесот на обнова на Скопје, точно 87 нации од светот испратиле помош со која придонеле тој да се изгради повторно, а поради тоа градот го носи и епитетот „град на солидарноста“,
се посочува во соопштението на Владата.
Почит кон загинатите лица во земјотресот одадоа и градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов, делегации од Собранието и Канцеларијата на Претседателот на државата, претставници на Армијата како и амбасадори и делегации од дипломатско-конзуларните претставништва во нашата земја и семејствата на жртвите.