Орце Камчев рече: „’Империја’ е измислен предмет за јас да бидам рекетиран“. Не може да не се запрашаме дали е можна обратна ситуација: случајот „Рекет“ да е создаден за затворање на предметот „Империја“. Дали нападот е најдобра одбрана во секоја кривична постапка?, вака адвокат на Катица Јанева, Дељо Кадиев, утрово ги започна завршните зборови за случајот „Рекет“.
Орце Камчев е бизнисменот кој го пријави случајот кај обвинителката Вилма Русковска и беше еден од нејзините клучни сведоци.

Катица Јанева, рече адвокатот, ја гонат дека ја злоупотребила службената положба и овластување на тој начин што му нудела на Камчев да биде заштитен сведок или да се спогоди. Но, самиот бизнисмен, вели одбраната, на прашање на обвинителството кога сведочеше рече: „Катица не ми понуди спогодување, не ми понуди да бидам заштитен сведок“. Понатаму, продолжи бранителот, Камчев на друго прашање повторно кажува дека во просториите на СЈО никогаш не му била нудена таква работа, туку спогодба нудел Бојан Јовановски.
Кадиев рече дека за сведочењето на бизнисменот има да се коментира многу, но очигледна е намерата преку овој предмет тој да се одбрани за „Империја“.
„Очигледно е дека не сведочи, туку дава одбрана во ‘Империја’. Тој има право да се брани како што сака во ‘Империја’, но не може да се брани така што ќе сведочи во друг предмет“,
рече Кадиев.
Тој зборуваше и за снимките на Орце Камчев, алудирајќи дека станува збор за незаконски стекнати материјали, кои не може да бидат доказ. Случајот со „бомбите“, кои се користат од нелегалното следење на комуникациите, според неговиот говор, е различна ситуација бидејќи користењето на „бомбите“ беше регулирано со посебен закон за СЈО, како резултат на политички договор.
Завршните зборови на Јанева и нејзините адвокати не ги слуша обвинителката Вилма Русковска, која се наоѓа во судот, но на рочиште за предметот познат во јавноста како „организаторите на 27 април“. На нејзино место денеска на рочиштето за „Рекет“ е присутна обвинителката Сузана Мирческа-Кузмановска. Русковска не беше ниту на вчерашното рочиште, кога Бојан Јовановски-Боки 13 ги даваше завршните зборови.
Таа, пак, со завршни зборови настапи пред една недела на рочиште одржано на 26 мај.
*Поврзани вести:
Боки 13: Ако заиграат црвените телефони може да добиеме и драконски казни
Јанева: Како баница го распарталивме обвинението на Русковска, не дојде за да не се црви
Кадиев: На снимките од телефонот на Боки не се гледа ни давање ни земање пари