Се работи за 22 авганистански цивили меѓу кои вработени, соработници и членови на нивни семејства, на меѓународната организација „Отворено владино партнерство“, соопштуваат од владиниот прес-центар
Нова група од 22 авганистански цивили, кои во изминатиот период престојуваа во земјава, добија престој во Канада.
Со авионски лет од меѓународниот аеродром во Скопје, денеска од земјава заминаа вработени, соработници и членови на нивни семејства, на меѓународната организација „Отворено владино партнерство“.

„Со ова продолжува успешната мисија за трајно решавање на статусот на мирољубивото население на Авганистан кое е во животна опасност од талибанскиот режим. Северна Македонија активно учествува грижејќи се за неколку стотини кои до сега пристигнаа во земјава“,
велат од владиниот прес центар.
Од Владата додаваат и оти повеќе институции и невладини организации се ангажирани пружајќи им ја сета помош и поддршка на овие лица, додека се сместени во објекти во Скопје. Вклучени се здравствени работници, волонтери на Црвениот крст, а со правна помош за обезбедување документи потребни за заминување во трети земји асистира Македонското здружение на млади правници, додаваат од Владата.
Претходно, во неколку наврати од земјава си заминаа неколку групи на авганистански цивили за кои е веќе обезбеден престој во Канада.