На оваа делница има повеќе станици и постојки, како и 11 патни премини, а на секоја станица ќе има и паркиралишта за велосипеди
Втората линија предвидува поврзување од Миладиновци преку Илинден и Маџари до централната железничка станица во Скопје, додека третата делница ќе се протега од централната железничка станица преку Скопје-Север и Ѓорче Петров до Волково
Пуштена е во употреба првата линија на градскиот воз што ги поврзува Зелениково и Скопје, а возовите по неа треба да сообраќаат осум пати во текот на денот.

Со симболично возење од железничката станица во Зелениково до Скопје, премиерот Христијан Мицкоски заедно со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, директорот на ЈП „МЖ – инфраструктура“, Синиша Ивановски, и скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски го означија официјалното пуштање во употреба на првата од трите линии на градскиот воз.
Според премиерот, условите на делницата од Зелениково до центарот на Скопје се европски, оценувајќи дека со градскиот воз отсега за многу пократко време ќе се патува од Зелениково до Скопје.
„Со ова не ги решаваме сите проблеми што ги имаме, но ова е чекор напред во решавањето на дел од проблемите во транспортот и животната средина, особено имајќи предвид дека пред нас е грејната сезона и предизвиците што ги носи“,
рече Мицкоски.

Реализацијата на проектот за околу една година, додаде дека претставува релативно краток период.
За вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, „Градскиот воз“ е почеток на реализацијата на визија која треба да донесе поефикасен јавен превоз, поголема заштита на животната средина, намалување на загадувањето и поголема мобилност на жителите на Скопје и општините што гравитираат околу главниот град.
„Ова е доказ дека она што пред две години се сметаше за заборавено и напуштено, а тоа е железничкиот превоз, повторно се враќа во живот. Ако пред две години имавме целосно напуштени пруги, затворени железнички станици кои се распаѓаат, нефункционални возови и локомотиви, денес имаме јасен и активен карго-превоз, а од вчера имаме и ‘Градски воз‘. Ветивме дека ќе почне на 1 септември и така се случи. Се надевам дека многу ќе им помогне и на учениците и средношколците, на луѓето кои сакаат да стигнат до своите работни места, како и на пензионерите“,
кажа Николоски.
Според него, се работи на проектирање и на другите две линии од овој проект.
Втората делница предвидува поврзување од Миладиновци преку Илинден и Маџари до централната железничка станица во Скопје, додека третата делница ќе се протега од централната железничка станица преку Скопје-Север и Ѓорче Петров до Волково.
Од Скопје до Зелениково се стигнува за неполни 25 минути
Директорот на ЈП „МЖ – инфраструктура“, Синиша Ивановски, информира дека патувањето од Зелениково до Скопје и обратно ќе трае неполни 25 минути.
„Од Зелениково до Скопје сега имаме 25 километри реконструирана железничка мрежа. На оваа делница имаше бетонски прагови од 1959 и 1963 година, а состојбата на пругата беше крајно незавидна, поради што возовите сообраќаа бавно, дури и со брзина од само 20 километри на час. Во овој момент возовите без проблем сообраќаат со брзина од 80 километри на час, а на одредени делови и до 100 километри на час. Од Скопје до Зелениково се стигнува за неполни 25 минути“,
посочи тој.
На делницата посочи дека има повеќе станици и постојки, како и 11 патни премини, а на секоја станица ќе има и паркиралишта за велосипеди.
Апелира до граѓаните да се однесуваат внимателно и да ја почитуваат сигнализацијата на патните премини.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изрази надеж дека со истата динамика и темпо ќе се реализираат и следните две фази за унапредување на јавниот превоз во главниот град.
„Ова е една од алтернативите во транспортот која треба граѓаните да ги извади од автомобилите. Втората фаза е модернизацијата на ЈСП ‘Скопје‘, за која постапката е завршена и е потпишан договорот. Наскоро ќе пристигнат новите 100 автобуси. Третата фаза е реализацијата на проектот БРТ, каде што сè е завршено. Во наредните 10 дена ќе биде распишан тендер за избор на оператор. Брзо се движиме, брзо се модернизираме и како Град Скопје имаме силна поддршка од Владата“,
кажа Ѓорѓиевски.
Цената на билетот на градскиот воз изнесува 40 денари во еден правец или 70 денари повратна карта.
