Сообраќајот на оваа релација ќе се одвива со три воза, кои ќе сообраќаат по точно утврден ред на возење подготвен од страна на „Македонски железници – транспорт“

Од денеска почнува да сообраќа новиот „Градски воз“ кој ги поврзува Зелениково и Железничката станица во Скопје.
Ова е првата од трите предвидени линии и таа тргнува од Зелениково и застанува на станици во Ново Зелениково, Орешани, Јане Сандански, Драчево, Лисиче и последната на Железничката станица.
Сообраќајот на оваа релација ќе се одвива со три воза, кои ќе сообраќаат по точно утврден ред на возење подготвен од страна на „Македонски железници – транспорт“. За потребите на проектот, ЈП „Македонски железници – инфраструктура“ изврши целосна реконструкција на пругата, со што е подигнато нивото на безбедност и е зголемен капацитетот за брзина на возовите.
Проектот „Градски воз” се интегрира и со сообраќајниот ред на возење на ЈСП „Скопје“, со што од Железници велат дека се добива квалитетен, интегриран и ефикасен јавен превоз за граѓаните, студентите и учениците.
Од Министерството за транспорт информираат дека паралелно се работи на проектирање и на другите две линии од овој проект. Втората линија е на трасата од Железничката станица – Бутел – Скопје-Север – Ѓорче Петров. Третата линија ќе сообраќа од Железничката станица преку Автокоманда и Маџари до Илинден.
