Од СДСМ велат дека државната каса е целосно празна, а буџетскиот дефицит редовно надминува 4 отсто од БДП, што е спротивно на Законот за буџети, кој предвидува максимален лимит од 3 проценти

Со новото задолжување од 1,3 милијарди евра кое неодамна го усвои Владата, вкупниот долг направен во изминатите две години достигна речиси 4 милијарди евра, обвини денеска на прес-конференција портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска. Според партијата, со ова владата предводена од Христијан Мицкоски за само две години креирала дури 30 проценти од вкупниот јавен долг од независноста на државата до денес.
Од СДСМ велат дека државната каса е целосно празна, а буџетскиот дефицит редовно надминува 4 отсто од БДП, што е спротивно на Законот за буџети кој предвидува максимален лимит од 3 проценти.
Кузеска рече дека додека претходните влади за камати плаќале околу 120 милиони евра дури и за време на ковид-кризата и енергетската криза, сегашната влада плаќа 350 милиони евра годишно само за камати.
„Со Мицкоски кредитите имаат само една намена: испумпување пари од буџетот за партиски криминални тендери и полнење приватни џебови“,
рече таа.
Според неа, во изминатите две години минималните трошоци за четиричлено семејство пораснале за 9 000 денари, додека минималната плата се зголемила за само 3 500 денари.
„Работниците со минимална плата живеат полошо. Што прави Мицкоски? Одбива да ја покачи минималната плата на 600 евра и повторно се обидува да ја обвини претходната влада за долгови од минатото. Секоја влада од основањето на Македонија користела кредити – тоа е нормална работа. Но, ниту една влада не направила вакво нешто“,
додаде Кузеска.
Од опозициската партија тврдат дека парите од задолжувањата не се инвестираат во капитални проекти, туку завршуваат во „партиски криминални тендери“.
„Буџетот денес е околу 7 милијарди евра – двојно повеќе од 3,5 милијарди во 2017 година, а ништо двојно подобро не се случило. Мицкоски ги задолжи генерациите. Ги задолжи сите што доаѓаат. Да имаше една добра работа што ја направија, еден сериозен проект или подобрување на економијата – можеби ќе можеа да зборуваат. Но нема. Не само што нема проект – нема пари за граѓаните“,
истакна Кузеска.
Од СДСМ велат оти доаѓа време „кога оваа криминална група ќе одговара, а парите ќе им бидат вратени на граѓаните на Македонија“.
