Мерката притвор е определена поради постоење опасност од бегство, можност да ја попречи истрагата со влијание врз сведоци и околности што укажуваат на опасност од повторување на кривичното дело
Одреден му е притвор од 30 дена на 19-годишникот осомничен за насилство врз малолетник во скопската населба Чаир, соопштија денеска од Основниот кривичен суд Скопје.

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје вчера побара да се определи мерка притвор за 19-годишникот, осомничен за кривично дело насилство од Кривичниот законик.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на ОЈО Скопје за пределување мерка за обезбедување присуство против 19-годишниот Б. И. од Скопје, осомничен за насилство врз дете во скопски Чаир, по неговото произнесување во однос на предлогот, донесе решение со кое му определи мерка притвор во траење од 30 дена“,
се вели во соопштението од Судот.
Мерката притвор е определена поради постоење опасност од бегство, можност да ја попречи истрагата со влијание врз сведоци и околности што укажуваат на опасност од повторување на кривичното дело.
„Против ова решение странките имаат право на жалба во рок од 24 часа до Кривичниот совет“,
додаваат од Кривичниот суд.
Во описот на случајот, од Обвинителството вчера соопштија дека осомничениот со својот малолетен брат, кој е под законската граница за кривична одговорност, презеле дејствија на насилство со кои на едно дете и на едно полнолетно лице им нанеле тешки телесни повреди со убоди од нож.
Во инцидентот полесно е повредено уште едно дете.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера го коментираше случајот, велејќи дека има петмина приведени во врска со настанот во кој малолетник е прободен со нож во пределот на срцето од негов врсник во скопски Чаир.
Дека момчето се наоѓа во критична состојба вчера потврди и министерот за здравство Сашо Клековски, додавајќи дека детето има директен убод во срцето, дека е оперирано и се наоѓа на интензивна нега.
