„Детето е оперирано вчера. Има директен убод во срцето и се наоѓа на интензивна нега. Се наоѓа во критична состојба“, вели министерот за здравство
Петмина се приведени во врска со случајот со 13-годишното момче, кое е прободено со нож во пределот на срцето од негов врсник во инцидент што се случил на булеварот „Македонско-косовска бригада“ во скопски Чаир, информира денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Повреденото дете, како што рече, се наоѓа во многу тешка здравствена состојба.
„Станува збор за малолетник, а согласно првичните информации добиени во службите на Министерствот, и оној што го врши кривичното дело исто така е малолетник. Детето со тешки телесни повреди и детето што ги нанесува се иста генерација, родени 2012 година“,
рече министерот.
Дека момчето се наоѓа во критична состојба денеска потврди и министерот за здравство Сашо Клековски.
„Детето е оперирано вчера. Има директен убод во срцето и се наоѓа на интензивна нега. Се наоѓа во критична состојба“,
кажа тој.
Според Тошковски, пораката од овој инцидент е страшна и посочи дека насилните кривилни дела извршени од малолетници претставуваат сериозен предизвик, не само за државата туку и за голем број развиени земји.
„Како општество мораме малку подлабоко да навлеземе и мора да има поширок институционален одговор и од страна на надлежните министерства и од сите општествени чинители, од родителите, социјалните центри, полицијата, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за образование, здравствените центри и Министерството за здравство. Навистина ова е еден од најжасните предизвици што ги имаме пред нас“,
додаде министерот за внатрешни работи.
Полицијата и Обвинителството ги преземаат законските мерки за расчистување на случајот и утврдување на мотивите за инцидентот.
