Дали протестите и блокадите ќе продолжат за време на викендот, приватните превозници не кажуваат, но нагласуваат дека секако ќе продолжат од понеделник ако нема решение на проблемот и дека тие ќе се радикализираат
Координативното тело на приватните превозници утрово го блокира булеварот „Илинден“ од семафорите кај Владата до семафорите кај МИ-ДА во двата правци, но само десните ленти од коловозот.
Дали протестите и блокадите ќе продолжат за време на викендот, приватните превозници не кажуваат, но нагласуваат дека секако ќе продолжат од понеделник ако нема решение на проблемот и дека тие ќе се радикализираат.
„Пред Градското собрание утре ќе бидат паркирани околу 200 автобуси, за да види градоначалничката Данела Арсовска дека не е таква бројката како што таа кажува. Некој сака да ја дефокусира јавноста и да кажува дека нема проблеми, дека го покриваат градскиот проблем, но сите гледате што се случува“,
рече вчера Ленин Јовановски од „Слобода превоз“.
Ова, како што апелираше Јовановски, е најава од приватните превозници дека можеби уште повеќе ќе се засилат и радикализираат протестите.
„Нервозата расте, загрижени се, ги пратат изјавите и состојбата е многу напната, затоа апелираме до сите институции, дури и државните, да се вклучат како медијатори во решавање на овој проблем, со цел оваа ситуација да не ескалира“,
апелираше Јовановски.
Ако нема решение, во понеделник овие 200 автобуси ќе се прегрупираат и ќе го блокираат сообраќајот од 6 часот наутро, ќе има целосна блокада на раскрсницата кај „Мавровка“, на раскрсницата кај „Црвен крст“ и на улицата Илинденска, додаде тој.
Јовановски повторно ги отфрли обвинувањата на Арсовска дека приватните превозници од „Слобода превоз“ во изминатите пет години, односно од 2017 до денес, немаат пријавено ниту еден продаден билет во автобусите кои возат за двете здруженија, а истовремено од Јавното сообраќајно претпријатие ги наплаќале фактурите за извозените километри за сума од едно евро по километар.
Јовановски повтори дека „Слобода превоз“ не била таа што продавала билети за превоз. За билетите, од набавка, продажба и собирање на парите исклучиво е надлежно Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП). Ниту еден приватен превозник не продава билети во своите автобуси на каков било начин, посочи тој.
Од Град Скопје, вчера, пак, преку соопштение кажаа дека го раскинуваат договорот со здружението на приватните превозници „Слобода превоз“. Причината за раскинување на договорот, како што се наведува во соопштението, е неисполнување на обврските кои произлегуваат од него.
„Во случајов, се работи за обврската за континуирано и непрекинато давање на јавната услуга за превоз на патници. За жал, ‘Слобода превоз’ повеќе од два дена во континуитет не ја извршуваше оваа договорна обврска со што поради непочитување на договорот истиот е раскинат“,
се додава во соопштението.
Ова е втор пат приватните превозници да излезат на протест. Во понеделникот приватните превозници ја блокираа крстосницата кај „Мавровка“. Овој протест беше еднодневен и заврши поради тридневната посета на германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер.