Од Судскиот совет велат дека се зачудени од барањето на министерот за правда Советот да постапи согласно законските надлежности во врска со мислењето на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања – Скопје, судијката Снежана Манев повторно да има право да полага психолошки и тест за интегритет. Оттаму велат дека Советот ниту дал одобрение да се спроведе повторен тест ниту, пак, има официјална информација дали кандидатката повторно полагала
Министерот за правда денеска преку соопштение реагираше дека со ваквото постапување, односно со можноста судијката Манев повторно да ги полага тестовите, се создава нова незаконска пракса
Судскиот совет преку писмено соопштение упати реакција до министерот за правда Кренар Лога, кој денеска информира дека испратил писмен допис до Советот во врска со мислењето на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања – Скопје, судијката Снежана Манев повторно да има право да полага психолошки и тест за интегритет.
Лога, преку соопштение денеска побара од Советот да постапи согласно законските надлежности во врска со мислењето на стручните лица, посочувајќи дека со тоа што на лице кое еднаш веќе не го положило тестот му се дава можност повторно да го полага, се создава нова незаконска пракса.
„Судскиот совет реагира на изјавата на министерот за правда Кренар Лога во врска со кандидатката за претседател на Основниот суд во Куманово, Снежана Манева дека ‘судија што не положил психолошки тест за личност и тест за интегритет, не може веднаш повторно да полага’. Советот ја информира јавноста дека на 13.07.2023 година доби допис од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, со кој ова тело се известува дека споменатата кандидатка на 04.07.2023 година не била во можност до крај самостојно да го пополнува психолошкиот тест на личност и тестот за интегритет. Од тие причини стручните лица од Институтот препорачуваат канидидатката ‘повторно да го пополни тестирањето целосно самостојно во времетраење од два часа на 14.07. во 11 часот’“,
се наведува во реакцијата на Судскиот совет.
Расправајќи во врска со дописот, Судскиот совет на работен состанок оценил дека ова прашање е во надлежност на Институтот и оти смета дека оттаму до Советот е потребно да достават известување за исходот од целокупната постапка по спроведениот психолошки тест на личност и тест на интегритет.
За ваквиот став Судскиот совет на 13 јули со допис го известил Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.
Поради тоа, од Судскиот совет велат дека се зачудени од барањето на министерот за правда Советот да постапи согласно законските надлежности во врска со мислењето на Институтот за судијката Манев повторно да има право да полага.
„Судскиот совет ниту дал одобрение да се спроведе повторен тест ниту, пак, има официјална информација дали кандидатката повторно полагала, бидејќи тоа не е негова надлежност“,
се вели во реакцијата од Советот.
Од Советот потенцираат дека во оној момент кога ќе добијат известување од надлежната институција што ги спроведува тестовите, ќе може да се знае кој од кандидатите ги исполнил сите законски услови за избор на претседател на суд или судија.
Инаку, ова не е првпат министерот за правда да реагира до Судскиот совет во врска со судијката Снежана Манев, која е в. д. претседателка на Основниот суд во Куманово.
Од Министерството за правда на 11 јули соопштија дека Судскиот совет со месеци одолговлекува и не презема мерки за санкционирање и одговорност за претседателката на Основниот суд Куманово за констатирани неправилности со АКМИС. Оттаму тогаш посочија дека министерот за правда Кренар Лога во неколку наврати испратил писмен допис до Судскиот совет во кој се бара преземање соодветни мерки или дејствија по однос на констатираните наводи, објавени во извештај уште на 1 февруари годинава.
Лога, како што информираа тогаш од неговиот кабинет, првиот допис го испратил на 11 април, а потоа испратил ургенција на 22 јуни бидејќи, освен куси преписки, од Судскиот совет не добил конкретни одговори.
Од Судскиот совет тогаш одговорија дека АКМИС е во надлежност на ресорното Министерство за правда кое врши редовни и вонредни контроли на судовите и доколку се констатирани одредени отстапувања и неправилности, министерството може да изготви извештај и да иницира соодветна постапка.
Истовремено во реакцијата од Советот тогаш потсетија дека министерот за правда по функција е член на Судскиот совет без право на глас и за секоја седница добива уредни покани, и доколку сака, може да учествува во расправата на секоја тема.