В среда (26 февруари) треба да започне јавниот увид во Избирачкиот список кој завршува на 11 март на полноќ, во пресрет на предвремените парламентарни избори на 12 април.
Државниот завод за статистика ги обработува податоците од Избирачкиот список, кои до нив и до ДИК ги доставило МВР.
В среда започнува и десетдневниот рок за собирање потписи на избирачите за предлагање кандидати за пратеници.
Избирачите своите податоци во Избирачкиот список можеа да ги проверат и пред овој рок, преку апликацијата на веб-страницата на ДИК www.sec.mk.
Според роковникот на ДИК, најдоцна 10 дена од денот на распишувањето на изборите, Избирачкиот список се става на јавен увид кој може граѓаните да го направат во подрачните одделенија и месните канцеларии на Комисијата, но своите податоци, исто така, може да ги проверат и преку апликацијата ставена на веб-страницата на ДИК.
Во истиот период (од 26 февруари до 11 март) граѓаните можат да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење на податоци во Избирачкиот список, и тоа во подрачните одделенија и месни канцеларии на Комисијата.
Увид во Избирачкиот список можат да направат и затворениците и лицата во притвор во казнено-поправните установи.
Јавниот увид на 26 февруари започнува и за македонските државјани кои живеат или работат во странство и тој може да се направи во дипломатско-конзуларните претставништва. ДИК преку Министерството за надворешни работи ги доставува до ДКП и конзуларните канцеларии посебните извори од Избирачкиот список за лицата на привремена работа или престој во странство врз основа на евиденцијата од надлежен орган, за ставање на јавен увид.
Барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците во посебните изводи од Избирачкиот список за време на јавниот увид, државјаните на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство го поднесуваат преку апликацијата со лична електронска пошта до ДИК.
Од денот на распишувањето на изборите до завршувањето на јавниот увид државјаните на РСМ кои се на привремена работа или престој во странство можат да достават пријава своерачно потпишана или испратена преку апликацијата со лична електронска пошта со која се пријавуваат за гласање на претстојните избори.
Пријавата, ДКП/КК веднаш, а најдоцна во рок од два дена по завршувањето на јавниот увид ја доставува по електронска пошта до МНР, а МНР најдоцна во рок од 24 часа од денот на приемот на истите ги доставува до ДИК.
По барањата и пријавите на граѓаните, ДИК е должна да одлучи со решение во рок од 24 часа од денот на приемот на барањето, а тужба против решението, до Управниот суд граѓанинот може да поднесе по електронски пат во рок од 24 часа по приемот. По тужбата Судот решава во рок од 24 часа по приемот и одлуката веднаш му ја доставува на тужителот по електронски пат.
ДИК во рок од пет дена (до 16 март) од денот на завршување на јавниот увид, Избирачкиот список го доставува до политичките партии.